32. Моден Викенд Скопје
32-то издание на Моден викенд Скопје ја потврди својата улога како релевантна платформа за современ моден израз, каде се вкрстуваат креативноста, индустријата, образованието и технологијата. Во контекст на брзо менливи трендови, настанот понуди пристап што ја надминува сезонската логика, насочувајќи го фокусот кон процесот, авторството и долгорочната вредност во дизајнот.
Преку ревии, изложби и јавни разговори, програмата ја позиционираше модата како отворен систем – простор за дијалог, критичко преиспитување и соработка, во кој новите генерации и новите технологии стануваат составен дел од нејзиниот развој.
„CHINA NIGHT“: КУЛТУРЕН КОНТИНУИТЕТ И ПРЕЦИЗНОСТ
„China Night“, реализиран со поддршка на Амбасадата на Народна Република Кина, претставуваше значаен момент на културна размена и дипломатска соработка преку модата. Настанот ја позиционираше модата како медиум на континуитет, каде традицијата не се репродуцира, туку се трансформира и живее во современ контекст.
Програмата се одликуваше со дисциплина, јасна структура и силен авторски израз, каде секој дизајнер функционираше како носител на специфичен визуелен јазик.
Дизајнери: Zhou Jin (Жоу Џин), Gong Hangyu (Гонг Хангју), Jiang Xiaoxi (Џијанг Сјаоси), со накит на Chen Ziyue (Чен Зијуе).
ИЗЛОЖБИ И ЈАВНИ РАЗГОВОРИ: МОДАТА КАКО СИСТЕМ
Програмата продолжи како простор за изразување преку изложби и јавни дебати, отворајќи прашања што се суштински за современата модна индустрија. Преку DigiFashTech Exhibition & Showcase: 3D and AI in Fashion, како и низ разговорите посветени на економијата, одржливоста и технолошката трансформација, модата беше поставена како процес и систем, а не само како финален производ.
Овие сегменти ја нагласија промената во начинот на кој се разбира модата – од визуелен резултат кон комплексен екосистем што вклучува знаење, технологија, финансиска логика и општествена одговорност. Јавните разговори отворија теми за авторството во време на вештачка интелигенција, улогата на дигиталните алатки во дизајнот, како и потребата од нови модели на производство и потрошувачка.
Истовремено, ваквиот формат овозможи директен дијалог помеѓу различни актери – дизајнери, институции, индустрија и публика – со што модата се позиционира како отворен систем што се развива преку размена, соработка и критичко преиспитување. Во тој контекст, изложбите и разговорите не функционираа како пропратна програма, туку како суштински дел од настанот, кој ја проширува улогата на модата од естетика кон знаење и пракса.

MISSION4WATER во соработка со Текстилното трговско здружение – Текстилен кластер (во раковоство на Наташа Сивевска) и соговорник Гордана Вренцоска. Разговор за микропластиката.
ОБРАЗОВАНИЕ: НОВАТА ГЕНЕРАЦИЈА
Во рамки на 32. Моден викенд Скопје, значајно место имаа и образовните институции, чие учество ја потврди нивната улога како активни чинители во современиот моден екосистем. Присуството на Факултетот за уметност и дизајн при Меѓународниот Балкански Униврзитет (Faculty of Art and Design – International Balkan University), Меѓународен моден институт „Изет Цури“ (International Fashion Institute Izet Curi) и Европски Универзитет Скопје (European University Skopje) укажува на сè посилна интеграција помеѓу образованието и индустријата.
Вклучувањето на студентите во вакви платформи значи излез од рамките на академскиот простор и влез во реален професионален контекст, каде процесот, експериментот и авторскиот развој стануваат видливи. Ова учество не е само презентација, туку и позиционирање – младите дизајнери се препознаваат како дел од сцената уште во фазата на создавање.
На пошироко ниво, ваквите настани придонесуваат кон развој на одржлива модна средина, каде новите генерации не се само публика или потенцијал, туку активни носители на идните практики, вредности и правци во индустријата.

Студентска модна ревија, Факултет за Уметнос и Дизајн, Меѓународен Балкански Универзитет на 32. Моден Викен Скоппје 2025. Дизајнер: Енеса Бекир.
РЕВИИ: АВТОРСКИ ПРИСТАПИ И СОВРЕМЕН ИЗРАЗ
Публиката имаше можност да проследи разновидни авторски пристапи — од прецизно конструирани силуети до поекспериментални и истражувачки форми, каде материјалот, движењето и концептот функционираа како една целина. Ревиите понудија јасен пресек на современата модна сцена, во која индивидуалниот израз и контролираната форма се развиваат паралелно.
Учествуваа:
Terziya (Терзија), Milica Djuric (Милица Ѓуриќ), Lana Mihajlovic (Лана Михајловиќ), Jana Stanisic (Јана Станишиќ), Lena Matic (Лена Матиќ), Andrea Bulajic (Андреа Булајиќ), Georgiya (Георгија), Robert Ivanovski (Роберт Ивановски), Rejhana Vinca (Рејхана Винца), Doruntina Kashtanjeva (Дорунтина Каштанјева), Miradije Selimi (Мирадие Селими), Марија Станојовска, Маригoна Рахмани, Олгица Ѓоргиева.
ЗАКЛУЧОК
- Моден викенд Скопје ја потврди трансформацијата на модата од изолиран креативен израз во комплексен систем.
Дизајнот, технологијата, образованието и одржливоста се појавуваат како меѓусебно поврзани елементи, кои заедно ја обликуваат иднината на модната индустрија.
Maja Ѓуреска / VERDEinMED
