Текстил и отпад: зошто рециклирањето на текстилот е проблем?
Рециклирањето како клучна алатка за одржливост
Рециклирањето е значајно во борбата со еколошките предизвици на текстилната индустрија. Иако јавната свест расте, бројките и понатаму се загрижувачки. Според податоците на Европската агенција за животна средина (EEA), во ЕУ годишно се создаваат повеќе од 6,9 милиони тони текстилен отпад (околу 16 кг по лице), а помалку од 15% од текстилот по завршена употреба се собира одвоено за повторна употреба или рециклирање. Ова значи дека најголемиот дел од облеката и домашниот текстил завршува на депонии или во инсинератори, наместо повторно да влезе во производствен циклус.
Зошто рециклирањето претставува проблем?
Иако потребата е очигледна, рециклирањето на текстил на големо ниво е оптоварено со бројни предизвици. Некои од најзначајните се:
– Недоволно собирање – Само 15% од текстилниот отпад во ЕУ се собира одвоено; останатите 85% завршуваат во мешан отпад (EEA, 2022).
– Слаба свест кај потрошувачите – Многумина не знаат како правилно да ја предадат облеката за повторна употреба или рециклирање (EEA, 2022).
– Зависност од извоз – Голем дел од собраната облека се извезува во земји со слаба инфраструктура и минимален регулаторен надзор (EEA, 2022).
– Мешавини од материјали – Современата облека често содржи комбинации како памук-полиестер, кои е многу тешко да се раздвојат (Renewable Carbon, 2023).
– Технички ограничувања – Недостиг од автоматизација; најголемиот дел од текстилот и понатаму мора да се сортира рачно (Renewable Carbon, 2023).
– Губење на квалитет – Рециклираните влакна имаат пониска издржливост и трајност во споредба со примарните материјали (Interreg Europe, 2022).
– Ниска стапка на повторна употреба – Само околу 1% од собраниот текстил повторно станува нова облека преку рциклирање (Interreg Europe, 2022).
– Високи трошоци – Хемиската регенерација и напредните технологии бараат високи инвестиции и се прескапи за масовна примена (Renewable Carbon, 2023).
– Недостаток од финансиски поттик – Производството на примарни влакна е поевтино и често добива субвенции, за разлика од рециклираните материјали (Interreg Europe, 2022).
– Регулаторни неусогласености – Различни национални закони и слаба примена на европските политики ја намалуваат ефикасноста на процесите (Interreg Europe, 2022).
Квалитетот на рециклираните материјали
Иако рециклирањето претставува важна алатка за намалување на отпадот, еден од најголемите предизвици е квалитетот на добиените влакна. За разлика од металите или стаклото, кои можат повеќекратно да се рециклираат без загуба на својствата, текстилните влакна губат дел од цврстината и издржливоста со секое повторно обработување.
На пример, полиестерот – еден од најраспространетите материјали во модната индустрија – има потенцијал за рециклирање, што е значително поштедно за еколошкиот отпечаток во споредба со производство на примарен (virgin) полиестер (рециклираниот полиестер троши околу 50-59% помалку енергија и предизвикува 32-75% помалку емисии на CO₂) (Weavabel, 2023).
Овој парадокс ја нагласува потребата рециклирањето да се надополни со редизајн на материјалите и развој на нови технологии што ќе овозможат добивање влакна со квалитет блиску до примарните, без значително губење на нивните својства.
Што понатаму?
Рециклирањето на текстилот е неопходен чекор во патот кон одржлива и циркуларна економија, но самиот процес е сложен и исполнет со бариери. Ниското ниво на собирање, техничките ограничувања, високите трошоци и губењето на квалитетот на рециклираните влакна го прават предизвик кој бара координиран пристап.
Она што е јасно е дека рециклирањето само по себе не е доволно. За вистинска трансформација на текстилната индустрија, потребни се паралелни напори: редизајн на материјалите и производите, намалување на прекумерното производство и потрошувачка, како и поефикасни политики кои ќе обезбедат фер услови за рециклираните материјали.
Само со комбинација на технолошки иновации, законска усогласеност и подигнување на свеста кај потрошувачите може Европа да го намали огромниот товар од текстилниот отпад и да ја приближи индустријата кон вистинска циркуларност.
Извори
European Environment Agency (EEA), 2022 – Circularity of the EU textiles value chain in numbers
Renewable Carbon, 2023 – Textile waste and recycling: Challenges and opportunities
Interreg Europe, 2022 – Waste not: The textile crisis
European Parliament, 2020 – The impact of textile production and waste on the environment (infographics)
Weavabel, 2023 – What are the pros and cons of recycled polyester?
Manteco, 2023 – Biodegradability in fashion: All you need to know
