Применување на R-стратегии за одржлива трансформација во модниот дизајн

eco friendly and sustainable clothing in shape of recycling sign

Применување на R-стратегии за одржлива трансформација во модниот дизајн

Содржина:

Од Индустриската револуција до брзата мода
Следење на потеклото на масовното производство и неговите еколошки последици

Еколошко влијание на текстилната индустрија
Разбирање на обемот и изворите на загадување

Политики на ЕУ 
Клучни регулативи и еволуирачката улога на модните професионалци

Циркуларни решенија: Р-стратегиит

Вовед во Р-стратегиите и нивната релевантност за модата

Повик за акција
Прифаќање на промената преку подигнување на свест, дизајн и системска трансформација

Од Индустриската револуција до брзата мода

Индустриската револуција претставува пресвртна точка во историјата на модата и текстилната индустрија. Со воведувањето на нови технологии – како механичките ткајачки разбоји, машината за шиење и парната енергија – производството на облека претрпе радикални промени. Наместо занаетчиско изработување на поединечни парчиња, модното производство започна да се развива во насока на масовност, стандардизација и побрза испорака.

Овој период истовремено го означи и подемот на дизајнот како посебна професионална област. Дизајнерите повеќе не се занимаваа само со изработка, туку со создавање нови стилови и модели што можеа да бидат реплицирани во големи количини. Така, модата започна да се шири меѓу пошироки општествени слоеви, престанувајќи да биде ексклузивно достапна само за елитата.

Со оваа трансформација се поставија темелите за денешната модна индустрија: систем заснован на масовно производство, побарувачка за постојано нови трендови и растечко влијание врз културниот и економскиот развој.

Иако Индустриската револуција донесе технолошки напредок и пораст на модното производство, таа истовремено се одликуваше и со негативни последици од индустријализацијата. Масовното производство се темелеше на евтина работна сила, што резултираше со долги работни часови, ниски плати и небезбедни услови за работниците.

Еден од најзагрижувачките примери беше практиката на детскиот труд кои во голем број работеа во текстилните фабрики, често изложени на тешка физичка работа, опасни машини и нездрави работни средини. Оваа експлоатација остави длабоки траги врз социјалната структура и подоцна стана една од причините за појавата на работнички движења и синдикати.

Индустријализацијата, иако ја направи модата подостапна за пошироката јавност, го постави и прашањето за етиката и одговорноста во производството – тема што останува актуелна и денес, во контекст на современата „брза мода“ и глобалните синџири на снабдување.

 

причини за еколошка криза

Извори:
Rogers, P., & Milton, A. (2011). Product Design. Laurence King Publishing.
Европска Унија (ЕУ) – Еколошки податоци и извештаи.

Еколошко влијание на текстилната индустрија

Во текот на ХХ век, воведувањето на синтетички влакна претставуваше радикална промена во текстилната индустрија. Од првата полусинтетичка вискоза кон крајот на XIX век, па сè до најлонот, акрилот, полиестерот, ликрата и микровлакната, новите материјали овозможија масовно и поевтино производство на облека, со што целосно ја трансформираа достапноста и динамиката на модната индустрија.

Прикажаната временска матрица го илустрира моментот на пронајдок и моментот на комерцијална примена на секое од синтетичките влакна, нагласувајќи ја брзината со која тие станаа доминантни на глобалниот пазар.

Сепак, еколошките последици од нивната употреба се значајни. Синтетичките влакна се тешко разградливи во природата – нивната разградаба трае од неколку децении до повеќе од еден век, а во меѓувреме ослободуваат микропластика која навлегува во водните екосистеми и синџирот на исхрана. Ова сведочи дека еколошката криза што ја чувствуваме денес е последица на индустриските практики воспоставени во изминатите

синтетика изум и производство

Извори: Woodings (2001); DuPont; The Textile Institute; ICIS; INVISTA; PlasticsEurope; Textile World

Текстилната и модната индустрија претставуваат еден од клучните фактори за современата еколошка криза. Во 2020 година, само купувањата на текстил во Европската Унија генерираа приближно 270 килограми CO₂ по лице, што во вкупен износ изнесуваше 121 милион тони стакленички гасови. Овој податок укажува дека модната потрошувачка значително го зголемува јаглеродниот отпечаток на европските граѓани.

Покрај тоа, потрошувачката на текстил е меѓу најголемите притисоци врз природните ресурси. Таа се рангира на трето место по влијание врз водата и земјиштето и на петто место по употреба на суровини и емисии на стакленички гасови меѓу сите категории на потрошувачка во ЕУ. Во просек, секој жител на Европската Унија со својата текстилна потрошувачка користи околу 9 кубни метри вода, што ја илустрира огромната зависност на индустријата од овој ресурс.

Проблемот дополнително се продлабочува со отпадот што го создава индустријата. Секоја година во ЕУ се фрлаат околу 5 милиони тони облека, односно по 12 килограми по лице. Помалку од половина од оваа облека се собира за повторна употреба или рециклирање, а само 1% се преработува во нови текстилни производи. Овој модел создава линеарна динамика на „купи и фрли“, што доведува до акумулација на отпад и загуба на ресурси.

Конечно, синтетичките текстили носат уште една сериозна еколошка закана: микропластиката. Само со перење на синтетички материјали, секоја година се ослободуваат над 500.000 тони микропластика што завршува во океаните, загадувајќи ги екосистемите и навлегувајќи во синџирот на исхрана.

Политики на ЕУ

Европската Унија воспоставува сеопфатни политики со цел да го намали еколошкото влијание на текстилната и модната индустрија, истовремено нагласувајќи ја одговорноста на сите учесници во синџирот на вредност – од дизајнерите и производителите, до дистрибутерите, институциите и самите потрошувачи. Според Eco – design for Sustainable Products Regulation (ESPR), се смета дека дури 80% од еколошкиот отпечаток на еден производ се определува уште во неговата фаза на развој и планирање. Тоа значи дека изборот на материјали, процесите на производство, трајноста и можноста за поправка или повторна употреба имаат суштинско влијание врз идниот животен циклус на производите.

Во рамките на Европската стратегија за циркуларна економија, усвоени се повеќе регулативи кои ја дефинираат насоката кон одржливост. Меѓу нив се:

  • Circular Economy Action Plan (CEAP) – системска рамка за премин кон циркуларни модели на производство и потрошувачка;
  • Eco-design for Sustainable Products Regulation (ESPR) – воведува барања за трајност, поправливост и рециклирачки потенцијал на производите;
  • Waste Framework Directive – ги поставува основите за управување со отпад и ја утврдува проширената одговорност на производителите;
  • EU Eco label – промовира производи со намалено влијание врз животната средина преку строги критериуми за одржливост.

Овие регулативи се само дел од пошироката законска рамка со која ЕУ се стреми да изгради поодржлива економија. Тие претставуваат повик кон сите – дизајнери, компании, институции и граѓани – да преземат активна улога во намалување на отпадот, оптимизирање на ресурсите и создавање систем кој ќе биде поправеден и поодржлив за идните генерации.

Циркуларни решенија: R-стратегии

Во современата текстилна и модна индустрија, клучен предизвик е како да се намали отпадот и негативното влијание врз животната средина. За таа цел, во рамките на циркуларната економија се разви рамката на R – стратегии, која опфаќа низа пристапи за редизајнирање на начинот на производство и потрошувачка. Колку е пократка стратегијата (loop), толку е поциркуларна и поефективна во превенција на отпад.

rstrt

Извор: Potting et al., 2017, PBL Netherlands Environmental Assessment Agency

R0 – Одбиј (Refuse): Одбиј производи и практики што создаваат непотребен отпад.

R1 – Преосмисли (Rethink): Преосмисли ги производите и процесите за поголема одржливост.

R2 – Намали (Reduce): Намали ја потрошувачката на ресурси и материјали.

R3 – Повторна употреба (Reuse): Користи ги производите повторно за да траат подолго.

R4 – Поправи (Repair): Поправи ги оштетените производи за да продолжат да се користат.

R5 – Обнови (Refurbish): Обнови ги постоечките производи и врати им вредност.

R6 – Репроизведи (Re manufacture): Повторсно произведи со искористување на веќе постоечки компоненти.

R7 – Пренамени (Repurpose): Пренамени ги производите во нова функција.

R8 – Рециклирај (Recycle): Преработи ги материјалите за нови производи.

R9 – Поврати (Recover): Поврати енергија или суровини од отпадот.

Овој систем ја нагласува потребата од превенција пред управување со отпад – најпрвин да се одбие и преосмисли, а дури потоа да се рециклира или поврати. Со примената на R – стратегиите, модната индустрија може да направи суштинска трансформација: од модел кој создава отпад и загадување, кон модел кој гради одржливост, иновации и нова вредност.

Повик за акција

Сите овие аспекти заедно покажуваат дека текстилната и модната индустрија не се само креатори на културни и естетски трендови, туку и значаен извор на глобална еколошка криза која мора да се адресира преку системски промени и одговорни практики.

Соочени со климатските промени, еколошките кризи и социјалните неправди кои произлегуваат од модната индустрија, станува јасно дека иднината на модата не може да продолжи по старите линеарни практики на „земи – произведи – фрли“. Дизајнерите, производителите, институциите и потрошувачите мора да ја прифатат одговорноста за трансформација кон поодржлив систем.

R – стратегиите нудат јасна рамка за оваа промена: редуцирање на потрошувачката, повторно користење на ресурсите, рециклирање на материјалите и редизајнирање на процесите и производите. Но, надвор од техничките решенија, потребна е и промена на личната и колективната свест – премин од култура на прекумерна консумација кон култура на грижа, одговорност и почит кон луѓето и природата.

Ова е моментот да се делува. Секој учесник во модниот екосистем – од студентите и дизајнерите, до брендовите, политиките и потрошувачите – има одговорност и улога во градењето на поодржлива иднина. Само преку заедничка акција можеме да ја трансформираме модата од извор на криза во двигател на позитивна промена.

Извори:

  • Rogers & Milton, 2011, Product Design
  • EU, Environmental Data & Reports
  • Woodings, 2001, Regenerated Cellulose Fibres
  • DuPont, н.д., The Story of Nylon
  • The Textile Institute, н.д., Acrylic Fibers
  • ICIS, н.д., Polyester Insights
  • INVISTA, н.д., The Story of LYCRA®
  • DuPont, н.д., Kevlar® Technical Guide
  • PlasticsEurope, н.д., Polypropylene (PP)
  • Textile World, 2002, Microfibers
  • Potting et al., 2017, PBL Netherlands Environmental Assessment Agency
  • European Commission, н.д., Circular Economy Action Plan
  • European Commission, н.д., Eco-design for Sustainable Products Regulation
  • European Commission, н.д., Waste Framework Directive
  • European Commission, н.д., EU Ecolabel


verdeinmed 1500 white en